ПОЕМА ЕКСТАЗА

30.11.2017 [Четврток] @ 20:00
Редовна програма / Концертна сала

(Есенски музички свечености)

J. Sibelius: Концерт за виолина и оркестар оп. 47

A. Scriabin: Поема Екстаза

A. Dvorak: Симфониска поема „Попладневна вештерка“

 

Финскиот композитор Јан Сибелиус (1865–1957) е особено признат во Финска, Англија и Америка. Познат е првенствено по делата „Тажниот валцер“ и симфониската поема „Финландија“. Сепак, неговиот Концерт за виолина зазема значајно место меѓу современите композиции од овој музички род. Го добил епитетот „татко на финската музика“, иако никогаш не го користел народниот мелос, туку со текот на времето само му се доближувал. Неговото творештво, особено во првиот период, сепак, поседува национално обележје. Но, честите патувања влијаеле на промената на неговиот стил: јазикот го губи националниот колорит, а формата добива класичарска цврстина. Концертот за виолина оп. 47 (1904) е единствен концерт на Сибелиус. Поседува симфониска форма поради обемот, а соло-виолината и сите останати инструментални делници ги третирал еднакво значајно. Важна е овде особено продолжената каденца каде што солистот ја презема улогата на развојниот дел од првиот став. Последниот став, од страна на Доналд Тови, е опишан како „полонеза за поларните мечки“, не сакајќи да биде навредлив, туку го анализирал со зборовите: „Меѓу полесните концертни форми како кај Менделсон и Шуман, не сум сретнал нешто пооригинално, поизразено и повозбудливо дело од концертот за виолина на Сибелиус“. Голем дел од солистичките делници на виолината се пишувани виртуозно. Концертот, генерално, е симфонизиран по својот опсег и поседува широки и помалку депресивни мелодии кои го карактеризираат делото како мрачно, со темна заднина, иако провејуваат и неколку светли мигови. Ова е најснимениот и најизведуваниот концерт за виолина од оние напишани во 20 век. А и самиот автор изјавил дека тој поседува извонредни теми.
 
Александар Скрјабин (1872–1915) е руски композитор кој се смета за еден од предводниците на модерната, а неговото влијание е очигледно најсилно во Русија. Роден е во Москва каде што и студирал композиција на тамошниот Конзерваториум. Многу брзо се прочул како пијанист од светски глас, иако патот на кариерата, сепак, ќе го одведе во композиторските води. До 1900 година, логично, Скрјабин пишувал претежно музика за пијано која покажува еден модернизиран Шопен, за потоа да настојува да ја смести музиката во служба на своите филозофски и теозофски спекулации, па така во делата од тоа време се чувствува влијанието на Вагнер. Таква е, на пример, неговата Прва симфонија – химна на уметноста како религија, Третата симфонија, Божествената поема која е симболика за ослободување на душата од нејзините окови или „Поема Екстаза“ која ја величи радоста на творењето. Скрјабин за ова свое дело рекол дека е на некој начин негова „четврта симфонија“, но никогаш официјално не била окарактеризирана така. Иако е во еден дел, во неа има траги од класичната шема на соната, но тоа во овој случај не е важно. Битна е нејзината оркестарка колоритност којашто плени, мноштвото теми кои се вкрстуваат и вртоглавото менување на хармониите. Делото поседува чувство на безвременост и на неизвесност поради неговата ритмичка двосмисленост и доминантните хармонии базирани на еден тон. Скрјабин напишал и поема сместена во партитурата, која не треба да се рецитира, но која укажува на доживувањата, на натприродниот занес, на чувството на бескрајна радост и блаженство кои тежнеел да ги постигне со звукот, како што, всушност, наметнува и самиот наслов.
 
Како и во останатите негови тонски поеми, и во „Попладневна вештерка“ чешкиот композитор Антонин Дворжак (1841–1904) ја искористил песната на неговиот поет сонародник Карол Јаромир Ербен. За некои, ова е неговата најдобра поема, мошне атрактивна, со препознатлива тематика. Она што е уште позначајно е тоа што Дворжак ја напишал во еден здив, само три дена му требале да ја скицира партитурата, а да ја заврши за две недели (1896). Песната на Ербен, всушност, како и во останатите негови, поседува мрачна содржина, како во приказните на браќата Грим. Овде се раскажува за мајката која за да го смири своето дете му се заканува со тоа дека ќе ја повика лошата вештерка. Но, легендарната вештерката навистина се појавува попладне и ќе се обиде да го „смири“ детето така што ќе го задуши и ќе направи мајката да биде во бесвесна состојба. Кога таткото ќе се врати од работа, ја буди мајката и заедно ја откриваат трагедијата, загубата на нивното дете. Дворжак ја третира песната како континуирана минијатурна симфониска форма. Има четири става кои се изведуваат без пауза. Почнува со весел мотив кој провејува низ целата композиција и следува идилична сцена која наскоро преминува во темнина низ една бизарна мелодија. Оваа псевдосимфонија е полна со остри артикулации, со изненадувања во ритмичка смисла, со танцови сегменти, а особено впечатлив е триумфалниот танц на вештерката на крајот, полн со сарказам и бруталност. Според Јаначек, амбиентот којшто го насликал преку музика Дворжак е толку верен „што може да се допре страшната сенка во тие чудни и необични хармонски чекори“. Најизразито во целата композиција е тоа што Дворжак успеал стриктно да ги исцрта ликовите од поемата преку соодветна музичка тематика.
  • П
  • В
  • С
  • Ч
  • П
  • С
  • Н