MURDER BALLADS

14.02.2018 [Среда] @ 20:00
Редовна програма / Концертна сала
Диригент: Џијан Емин
Неколку збора за програмата...
 
Логично е музиката којашто ја сакаме да ја доживуваме лично. Ние, продуцентскиот тим на Македонска филхармонија, одлучивме овој концерт по повод Денот на вљубените да го направиме за нас, да избереме дел од музиката што ја сакаме и ја слушаме. Првпат во историјата на оваа институција, првпат во Македонија, вечерашните теми ќе прозвучат со симфониски оркестар. Тоа се дела на автори кои несомнено ја збогатија светската музичка мапа со своето присуство, надвор од клишето, наметнувајќи нови стандарди и нови начини на размислување преку музиката и поезијата. Но, тоа е генерален опис. Нам, оваа музика, сосема интимно, нè порасна, нè созреа, ни го покажа патот низ звучната шума, беше и наша душевна камера опскура. Љубовта и темнината се две моќни сили кои ги чинат приказните на оваа музика, како и приказните на голем дел од светската книжевност, а која, исто така, е неизоставен сегмент од целокупното звучно творештво на авторите, присутни овде. „Кога ќе исчезне љубовта, настапува темнината - љубовта е таа којашто нè мачи, онаа којашто ни создава болка...“
 
Музиката на инспиративните уметници или бендови што го чини концертот „Murder Ballads“ има свое сврзно ткиво особено поради звучната атмосфера, иако секој од нив поседува автентична креативна физиономија. Но, сите тие, уште во текот на својот живот, стекнаа култен статус. Леонард Коен, легендарниот канадски музичкиуметник, на пример, со чија поезија, шарм, специфичната боја на гласот, остави силен печат на музичката сцена, црпел инспирација од поезијата и музиката на уште еден музички маг - Боб Дилан. Исполувајќи ги сопствените креативни мигови во поезијата и во звукот, Коен создал прекрасна уметност на која ретко некој досега ѝ одолеал. Беше еден од највлијателните и најплодните музички, ама и поетски визионери. Уште еден уметник кој ги соединува поетската пловидба низ цврстиот звук во кој се преплетуваат силна ритмика и топла мелодичност - Ник Кејв сè уште ја разгорува светската музичка современа атмосфера. Специфичниот Австралиец, кој е и сценарист и писател, во музиката ги соединува блузот, џезот и рок-музиката топејќи ја во нив страста за книжевноста и создава „раздор“ во дотогаш постоечките модуси на создавање музика. Мотивиран од легендите од Стариот завет, повеќе како инспирација отколку како лична религиозна определба („Бог постои, но тој е производ на творечка фантазија“), а подоцна и со авантурата на Исус во Новиот завет, Ник Кејв создава уметност која е откината од „нормалноста“. Огромно влијание ќе изврши уште со својот жесток бенд „Birthday party“, иако за широката јавност е најпознат со бендот „Nick Cave and the Bad Seeds“, по фасцинацијата за американската музика и нејзините корени. Неговите мрачни, понекогаш торжествени теми се полни со лирика за потрага по љубовта која ја следи меланхоличниот звук. Љубов која доведува до очај, до лудило со болни последици, но која создава прекрасна фантазија, љубов која е вечна, но и љубов која е моќна, љубов која шокира и застрашува, но и мирна љубов, опседнатост со опасната игра меѓу љубовта и смртта... се темите кои, во суштина, го облагородуваат сето негово творештво. И Кејв се вбројува во рок-поетите како што се Коен и Дилан, Том Веитс или Нил Јанг.
 
Лу Рид, Том Веитс и Џони Кеш се специфични музички икони и секоја сама за себе се издвојува по уникатниот музички, уметнички, па и животен стил. Поминувајќи низ животот како грешно заборавен јунак од некој ноар роман, како што ќе го опишат Лу Рид, сосема свој и длабоко свртен кон себеси, тој влезе во историјата на рокенролот, пред сè, поради учеството во култната група „Велвет андерграунд“. Сепак, беше еден од најталентираните меѓу оние кои во темелите на рок-културата изградиле влијание како припадници на т. н. бит-генерација. Кариерата на Том Веитс зазема посебно место во историјата на популарната уметност, не само поради музиката, туку и поради амбиентот во којшто творел и твори, а кој го одредуваат бит-поезијата и авангардните музички стремежи. Тоа, Веитс, во имиџ на скитник, или во модифициран костим на комичар како Чаплин, сосема вешто го изведува. Ти Боун Барнет ќе напише: „Том Веитс е шеик на ризик кој изведува тешки операции користејќи го само својот дух“. Осаменоста, вината, тагата, вербата, потрагата по спас се само дел од животните патешествија на Џони Кеш, кој умешно ги преточил во уметност и со тоа да стане еден од највлијателните музичари на 20 век. Познат по специфичната длабочина на својот глас, црната гардероба како негов заштитен знак, како симбол на неговата побуна против лицемерството, тој создаде дела со кантри-призвук полни со љубов, ама и загуба, со страст и патос.
 
Музиката на Ненси Синатра, пак, навидум, нема никаква поврзаност со останатите творби, но тоа само како временска детерминација. Сепак, оној препознатлив кантри-звук што таа успеа да го обои со софистицирани бои и да го вметне во рок-музиката сосема непретенциозно, како да се провлекува постојано, во некои музички фрази, во драматиката на атмосферата, па и во лириката, и во останатиот дел од вечерашниот репертоар. Иако растела како дете на една од најголемите музички икони - Френк Синатра, Ненси самата го креирала својот музички имиџ бегајќи од влијанијата што ја опкружувале.Токму и затоа Квентин Тарантино решил нејзината „Bang, Bang (My Baby Shot Me Down)“ да ја искористи во неговиот филм „Кил Бил“. Џеф Бакли, пак, е еден од оние уметници кој со само еден издаден албум „Grace“, во кој се наоѓа познатата „Алелуја“ на Коен, направи поетски триумф и остави силна трага во рокенрол-музиката. Бил постварен од светот во којшто живеел и токму тој знак на лично препознавање станал и дел од тогашната општа култура.
 
Во едно не толку далечно време, во почетокот на 1990-тите, еклектични години кога станува збор за современата музика, во Бристол се раѓаат две музички групи кои претставуваат сосема нов начин на создавање на модерниот звук - „Портисхед“ и „Масив атак“. Нивната специфична музичка физиономија и фузија за мошне кусо време ќе ја освојат Европа. Ќе донесат иновативност и „прифатлива“ експерименталност и на светската музичка сцена, избегнувајќи го, свесно или несвесно, сето она што дотогаш беше препознатливо како музичка форма. Теми без хармонии кои прават драматична атмосфера минувајќи низ епски дисторзирани гитарски крешенда, богати оркестарски аранжмани, исклучителна продукција, бавна ритмика, етерични вокали, мистична електроника, постпанк-текстура... се само дел од карактеристиките што може, но и не мора, да ги спои „Масив атак“ и „Портисхед“ во една заедничка рамка чии исклучително силни влијанија сè уште се чувствуваат.
 
Нашето музичко патешествие, како тим на Македонска филхармонија, се разбира не завршува тука, кога станува збор за реализација на концерти надвор од редовната репертоарска политика. Ветуваме уште поубави музички случувања, бидејќи, се чини, музиката е бескрајна, во неа може толку многу да се истражува.
 
Нека биде овој ден за нас совршен!
 
„Толку совршен ден, пиеме сангрија во парк, а тогаш, кога ќе затемни, одиме дома. Баш совршен ден, ги раниме животните во Зоолошка градина, а тогаш, уште и кино, па повторно дома. Ох, тоа е совршен ден, среќен сум што го поминувам со тебе...“
  • П
  • В
  • С
  • Ч
  • П
  • С
  • Н
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
  • 6
  • 7
  • 8
  • 9
  • 10
  • 11
  • 12
  • 13
  • 14
  • 15
  • 16
  • 17
  • 18
  • 19
  • 20
  • 21
  • 22
  • 23
  • 24
  • 25
  • 26
  • 27
  • 28
  • 29
  • 30
  • 31