Даниел Харитонов

Роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, пијанистот Даниел Харитонов ќе се прослави како еден од најсјајните таленти на 15-от Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, на возраст од само 16 години. Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба ќе му ја донесе третата награда. Но, публиката ќе биде воодушевена од неговиот настап и тој ќе го понесе епитетот „чудо од дете“, а ќе биде наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација. Тогаш ќе го именуваат и како „откритие на 15-от Чајковски натпревар“. По неговото успешно деби со „Марински“ оркестарот под водство на врвниот маестро Валери Гергиев во 2013 година, Харитонов редовно ќе настапува со овој оркестар со кој ќе се претстави и надвор од земјата, во Кина и во Италија, а забележителни ќе бидат и настапите низ Русија. Во неговата родна земја, тој ќе настапува и со Државниот академски симфониски оркестар „Евгени Светланов“ и со Државната филхармонија на Русија, но и на рецитали во престижни сали како концертната сала „Чајковски“, Големата сала на Московскиот конзерваториум и Московскиот меѓународен центар за изведувачки уметности. Постојан учесник е на реномирани фестивали, а редовно работи со Меѓународната хуманитарна фондација „Спиваков“ во Москва. Меѓу неговите бројни настапи, се издвојува незаборавната изведба во „Карнеги Хол“ (2013) која американската критика ќе ја оцени како најдобар перформанс на млад музичар. Истата година тој ќе биде номиниран за „Национална гордост на Русија“ на свои 14 години, заедно со уметнички ѕвезди како Маја Плисецкаја, Ана Нетребко или Родион Шчедрин. На почетокот од 2016 Харитонов оствари деби со Кинеската филхармонија и се врати во Јапонија заедно со Московскиот државен оркестар под водство на Павел Коган. Од последните негови настапи се издвојува дебито со Лондонскиот камерен оркестар и маестро Владимир Ашкенази, како и турнејата низ Кина со Националната филхармонија на Русија под водство на маестро Владимир Спиваков. Инаку, Харитонов, кој потекнува од музичко семејство, неговата мајка е виолинистка, почнал да изучува пијано на само 5 години и успеал да влезе во Средното специјално музичко школо во Новосибирск. Една година подоцна, неговиот феноменален талент и огромен интерес за музика ќе му донесат стипендија од Фондацијата „Нови игри“ и покана за студирање на престижното Централно музичко школо во Московскиот конзерваториум „П.И. Чајковски“, во класата на проф. Валери Пиасецки, почесен уметник на Русија. Неговото деби со оркестар ќе се случи на негови седум години, свирејќи концерт од Моцарт. Истата година ќе стане добитник на Гран-при на Интернационалниот натпревар во Виена и ќе ја земе почесната титула „Моцарт - Вундеркинд“. Во 2006 ќе ја освои Првата награда на Интернационалниот натпревар на пијано изведувачи и ансамбли во чест на Рахмањинов, а во 2008-та, ќе стане лауреат на Вториот регионален натпревар за млади изведувачи „Концерт со оркестар“ во Воронеж. Истата година ќе ја освои Првата награда на Московскиот меѓународен натпревар „Нови имиња“. На 11 години, по неговата изведба на првиот концерт од Рахмањинов со оркесарот „Нова Русија“ под водство на Фреди Кадена, Харитонов ќе биде награден со почесна титула - лауреат на наградата за оркестар. Издадено е специјално ЦД од оваа изведба.

Сезона 2017/18

Даниел Рајскин

Русија / Холандија

Емил Табаков

Бугарија

Тимоти Редмонд

Велика Британија

Милан Силјанов

Швајцарија / Македонија

Николас Алтштед

Германија / Франција

Роман Симовиќ

Црна Гора / Велика Британија

Џеси Милинер

Германија

Олга Шепс

Германија