Нинг Фенг

Еден од водечките виолинисти во Кина денес, Нинг Фенг, иако постојано настапува во својата земја со видни оркестри, тој е и еден од најбараните музичари и во Европа. Моментно живее во Берлин и ужива светска кариера. Критиката ќе го оцени како уметник со прекрасен лиризам и емотивна транспарентност, како музичар со инспиративни технички остварувања. Нинг Фенг студирал на Конзерваториумот за музика во Сишуан, потоа на „Ханс Еислер“ школата за музика во Берлин со познатата виолинистка Антје Вајтхас, како и на Кралската музичка академија во Лондон со Ху Кун, каде што ќе стане првиот студент кој некогаш бил награден со 100 проценти за неговиот завршен рецитал. Фенг е добитник на многу награди, меѓу нив и на престижните меѓународни натпревари по виолина „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“ во Лондон, каде што денес е член на жирито, или на „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд. Соработувал со голем број видни оркестри, меѓу кои и со Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Рускиот државен симфониски оркестар, Стразбуршката филхармонија, со филхармонијата на Лос Анџелес, со Берлин Концертхаус оркестарот, со симфониските оркестри на Сингапур и Макао, со Кралскиот оркестар на Ливерпул, со филхармонијата на Хонг Конг, со Радио-симфонискиот оркестар на Франкфурт..., со реномирани диригентски имиња. Активен е и како камерен музичар, член е на „Драгон квартет“ и редовно соработува со истакнатиот пијанист Игор Левит. Магазинот „Пицикато“ ќе го оцени како музичар кој „импресионира не само со техничките вештини, туку и со топлината, неговиот тон е постојано полн и лирски...“. Нинг Фенг свири на виолина „Страдивариус“ од 1721 година.