Речиси распродадени билетите за детскиот концерт и за „Бакнеж и танго“

Речиси се распродадени билетите за престојните два концерти на оркестарот на Филхармонија. Првиот е „Штурецот и мравката“ наменет за најмладите кој ќе се одржи на 8 февруари (сабота) во 12 часот. Станува збор за уште еден, премиерен детски концерт кој Филхармонија го реализира во соработка со НЛБ. Диригент е Елена Митревска, аниматор е Мартин Јорданоски, а на програмата се дела од Монти, Пахелбел, Штраус, Бернштајн, Сен-Санс, Елгар, Моцарт...

Вториот концерт за кој се останати уште малку билети е љубовниот концерт „Бакнеж и танго“ кој ќе се одржи на 14 февруари (петок). Овој концерт е посветен на тангото – кое ќе биде презентирано во неговата автентична форма, но и преку фузија со музиката од Балканот. Оваа фузија е препознатлив печат на квинтетот „Белтанго“ од Србија кој ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонија и диригентот Мириан Кукунаишвили од Грузија. На програмата се композиции од танго мајсторите Родригез, Скарпино, Гардел, Пјацола..., а ќе чуеме и композиции од Дуке Бојаџиев и Горан Бреговиќ кои се напишани во духот на оваа музика.