Лист и Вагнер со Дино Имери, во чест на маестро Ѓумар

Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под наслов „Поезија и драма“, кој ќе биде посветен на прерано починатиот, еден од најистакнатите македонски музички уметници, диригентот Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017).
 
На 2 февруари во Домот на АРМ во 20 часот, концертот „Поезија и драма“ ќе донесе комплексна музика и врвна изведба. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе ги изведе Увертирата од операта „Танхојзер“ и Прелудиум и смрт од „Тристан и Изолда“ од генијалниот германски композитор Рихард Вагнер.
 
Солист на концертот ќе биде еден од најистакнатите млади македонски пијанисти, Дино Имери, кој ќе ги изведе познатите Фантазија на унгарски фолклорни теми и Танц на смртта, од унгарскиот врвен пијанист и композитор Франц Лист.
 
Оперите на Вагнер имаат големи увертири, кои можат да се изведуваат и како самостојни оркестарски дела. Една од нив е увертирата од операта „Танхојзер“, чија премиера се одржала во 1845 во Дрезден под диригентство на самиот Вагнер. Композиторот го напишал либретото спрема средновековната легенда за витезот и минезенгерот Танхојзер, чиј основен мотив е искупување низ љубовта. Музичката драма во три чина „Тристан и Изолда“ (1865), пак, се смета за најхраброто дело на Вагнер, затоа што во него композиторот вовел нови идеи, но и за едно од најмоќните некогаш напишани. Кога се споменува името на Франц Лист (1811-1886), пред сè тоа се врзува на музиката за пијано. Овој унгарски композитор, виртуоз, пијанист, педагог, извршил огромно влијание врз идните генерации композитори, особено на полето на концертната музика за пијано. А, неговата извонредна умешност и како пијанист не само што ќе го направи популарен ширум Европа, туку јавноста ќе го препознава како технички најсовршениот пијанист на 19 век.