Галерија Пријатели Контакт Годишна програма logoFacebook logoTwitter
назад кон претходна страна


ВРВНИОТ ИШТВАН ВАРДАИ СО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА
13.03.2017

На 16 март во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфонискиот концерт под наслов „ЧАЈКОВСКИ: СМЕА И ТАГА“, на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите виолончелисти во светот, Иштван Вардаи од Унгарија. Повеќенаградуваниот уметник, кој свири на легендарниот инструмент Страдивариус „Ди Пре-Харел“ (1673), виолончело кое пред него било во сопственост на познатата Жаклин ди Пре, пред македонската публика ќе настапи со Рококо варијациите за виолончело и оркестар од П.И.Чајковски.
Под диригентската палка на маестро Кејс Скалионе, оркестарот на Македонската филхармонија по подолго време ќе ја изведе Шестата симфонија насловена „Патетична“ од рускиот гениј Чајковски, која се смета за најубавите симфонии на сите времиња.
Од богатиот опус на Чајковски - оркестарска, камерна музика, балети, опери посебно место заземаат неговите симфонии, а меѓу нив е најпозната шестата наречена „Патетична“. Авторот ја создал непосредно пред неговата смрт, во миговите на депресија и сомнеж во својот креативен дух. Чајковски, незадоволен од резултатот, често ја кинел партитурата, но, по бројни исправки, почнал да верува дека тоа е можеби еден од неговите најдобри трудови, сметајќи дека таа е „завршен камен на целото негово творештво“ и „најискреното дело кое некогаш го напишал“. И публиката не го прифатила ова дело веднаш, иако денес се смета за една од најценетите симфонии во историјата на класичната музика. Лесниот вовед со повторувачки мотив од Сонатата за пијано оп. 106 од Бетовен преминува во главната тема која ја носат виолите. Од меланхолично расположение, таа се претвора во возбуда сѐ додека сординираните виолини не ја донесат втората тема која дејствува како инкарнација на резигнирана меланхолија. Набрзо таа преминува во химнична егзалтација. Вториот став е убав интермецо со чудно лелеав карактер и тој дословно се движи во 5/4 такт што ќе биде нова појава во уметничката музика. Скерцото ја комбинира тарантелата со жив марш со што се имитира атмосфера на вили и чудесни крикови на вилењаци самовили волшебнички, а Финалето самиот Чајковски го насловил „Реквием“. Во неискажана болка плачат виолините и тоа е потресно простување од животот во кое, сепак, доминира виолината со утешна мелодија која, на крајот, се претвора, благодарејќи на канонската обработка, во смирувачки „Амин“. 
Рококо варијациите за виолончело и оркестар оп. 33 се смета за едно од најомилените дела во литературата за виолончело. По краткиот вовед во оркестарот, на мелодијата ѝ се надоврзуваат седумте варијации од кои првите две го чинат првиот дел. Следува полесна варијација со распена солистичка делница, па потоа грациозна четврта која преминува во петта, а во која темата повторно се јавува во оркестарот. По една куса каденца, во шестата варијација се јавува молска варијанта на темата, додека седмата е една прекрасна кода. Овде солистот ги има сите елементи за виртузно да заблеска. Инаку, темата во ова дело не потекнува од епохата на рококо периодот, туку се работи за оригинална тема која ја напишал Чајковски, но во рококо стил. Ако рококо е завршна форма на барокот, кој се одликува со сликовитост и раскош на декоративните елементи и нежни звучни бои, тие карактеристики ја красат и оваа композиција. Чајковски бил инспириран од Моцарт, а за да го создаде ова дело му помогнал Вилхелм Фиценхаген, германски виолончелист и негов колега, професор на Московскиот конзерваториум. Чајковски токму за него ја напишал композицијата, а Фиценхаген прв ја извел во Москва во 1877 година, под диригентство на Николај Рубинштајн.

Информации за следниот концерт

ЦИКЛУСИ