Галерија Пријатели Контакт Годишна програма logoFacebook logoTwitter
назад кон претходна страна


ЅВЕЗДАТА ЕЈМИ ДИКСОН ВО СКОПЈЕ!
28.02.2017

Два пати номинирана за престижната награда „Греми“ и една од најдобрите саксофонистки денес, Ејми Диксон од Австралија, доаѓа во Скопје!
На 9 март во Домот на АРМ во 20 часот, повеќенаградуваната и харизматична Ејми Диксон, ќе настапи како солист на концертот „Алхемија“ со оркестарот на Македонската филхармонија. Првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата Класик „Брит“, во Скопје за прв пат ќе го изведе Концертот за амплифицирана обоа и оркестар од современиот австралиски композитор Греам Коне - „Забава за време на лет“.
Ејми Диксон се фокусира на современата и филмската музика, и во нејзиниот репертоар се наоѓаат дела на врвните современи композитори како Филип Глас, Мајкл Најман, Мајкл Кејмен, Џон Вилијамс...
Концертот „Алхемија“ ќе донесе музика со филмска магија, а се одржува во чест на празникот на жената 8 Март.
Диригент е врвниот маестро Кејс Скалионе, под чија палка оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе делото „Четири парафрази за симфониски оркестар“ од младата македонска композиторка Теа Богатинова, како и Симфонијата бр. 6 наречена „Пасторална“ од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

Теа Богатинова (1990) е претставничка на помладата генерација македонски композитори. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Јана Андреевска. Во 2014 година стана лауреат на фондацијата „Томислав Зографски“, наградена како најдобар студент на отсекот по композиција. Моментно е студент на постдипломски студии на отсекот за музичка интерпретација и композиција на ФМУ. Четири парафрази за симфониски оркестар е циклично дело, кое претставува прв обид на Богатинова за создавање музика за ваков ансамбл. Циклусот е составен од четири става (бавен-брз-умерен-брз), обединети со употреба на народни мелодии, преземени од различни збирки на македонски народни песни. 
Греам Коне (1956) е еден од најспецифичните австралиски композитори денес. Познат е по тоа што во неговото творештво ги отфрла сите видови авангардни начини на компонирање, иако ги прифаќа моќта и енергијата на популарната култура. Неговиот брат, писателот Џејмс Коне, ќе каже дека авторот го краси музички индивидуализам, дека делата на Греам се создадени во слободен стил, а дека се инспирирани од поп-културата што е препознатлива за Австралија. Неговиот концерт „Забава за време на лет“ („Inflight Entertainment“) за амплифицирана обоа и оркестар, уште на самата премиера предизвикал сензација поради „филмската“ обоеност на партитурата, но и поради специфичните технички сегменти, кои од солистот бараат виртуозност. Делото поседува експресивна драматургија и заразен ритмички пулс.
Шестата симфонија на германскиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен наречена „Пасторална“ се смета за едно од врвните остварувања во симфонизмот. Својата праизведба ја имала во Виена во 1808 година. Композиторот бил инспириран од природните чувства, како што кажува и самиот наслов, иако за творечкиот опус на Бетовен тоа е вистински раритет, затоа што неговите капитални дела изобилуваат со тешка, тегобна драматургија, во која се вткаени длабоки мисли и чувства за животот и неговата болка. 

Информации за следниот концерт

ЦИКЛУСИ