Галерија Пријатели Контакт Годишна програма logoFacebook logoTwitter
назад кон претходна страна


„ПАРИЗ ТЕ САКАМ“ СО ФРАНЦУСКИ ШАНСОНИ
03.02.2017

Следејќи ја традицијата, Македонската филхармонија и оваа година по повод Денот на вљубените ќе одржи атрактивен симфониски концерт. 
Под наслов „Париз те сакам“, на 14 февруари (вторник) во Салонот на Македонската опера и балет во 20 часот, за љубителите на музиката ќе бидат изведени едни од најпознатите француски шансони кои ги испеаја славните грла како Едит Пјаф, Ив Монтан, Жо Дасин, Мишел Легранд... 
Солистка на концертот е популарната унгарска џез-вокалистка Миртил, која е позната токму по уникатните изведби на француските шансони, како и по многу џез-проекти кои ги полнат европските сали на нејзините настапи. Наградуваната и харизматична уметница Миртил зад себе има богата дискографија на која претежно се наоѓаат познати џез-стандарди и соработки со врвни музичари.
Диригент на концертот е маестро Борјан Цанев, за оригиналните аранжмани се погрижи Емин Џијан, додека режијата е на Дејан Прошев. Концертот ќе биде збогатен и со присуство на македонскиот врвен актер Васил Зафирчев, кој овој пат ќе ја има улогата и на пејач, и кој музичката слика ќе ја збогати со поезија од истакнатиот француски поет Жак Превер.
Миртил Мишелер (1972, Будимпешта) е една од најпознатите унгарски уметници особено во сферата на европската џез-сцена. Откако дипломира како џез-вокалист на Музичката академија „Франц Лист“, нејзината кариера токму како џез-пејачка рапидно ќе порасне. Досега настапувала со повеќе бендови и соло-артисти од својата земја, а чест гостин е на познатата унгарска група „Бенко Диксиленд бенд“. Во 2004 година го реализира деби-албумот „I Just Found Out About Love“, а во 2006 година Миртил учествува на два реномирани меѓународни натпревари по пеење. Заедно со својот партнер, гитаристот Тибор Пинтер, го освојува осмото место во конкуренција од 55 натпреварувачи на меѓународен фестивал за дуети во Германија. Користејќи ги истите аранжмани од натпреварот, тие ќе го снимат и ќе го реализираат албумот „Same As You“, кој стекнува голема популарност и е номиниран за „Фонограм“ за најдобар џез-албум за 2007 година. На џез-натпреварот „Lady Summertime“ во Финска, пак, го освои третото место. Во 2007 година таа е ставена на листата како една од 50-те најдобри млади унгарски уметници според реномираниот унгарски весник „Маѓар Хирлап“. Миртил е и пејачката ѕвезда во популарното унгарско ТВ-шоу „Saturday Night Fever“ и вокален учител на познатиот национален натпревар по пеење „Megastar“. Нејзиниот трет соло-албум „Save the last dance for me“ (2008), на кој се наоѓаат џез-евергрини во придружба на квартет со уникатни аранжмани, исто така наиде на широка популарност. Инаку, Миртил е позната во музичките кругови по нејзината полилингвалност, бидејќи извонредно пее и на унгарски и на англиски и особено на француски јазик, бидејќи нејзината желба да го живее „францускиот сон“ се родила уште кога била дете. Заедно со гитаристот Пинтер го издава и албумот „True Colours“ (2009), а следната година и двојниот албум „Randez-vous“ на кој се наоѓаат и познати француски теми, со кој ги наполни концертните сали низ Европа.
Информации за следниот концерт

ЦИКЛУСИ