Галерија Пријатели Контакт Годишна програма logoFacebook logoTwitter
назад кон претходна страна


Едукација и деца


Македонската филхармонија продолжува со редовните Симфониски концерти за деца. Вообичано, концертите се одржуваат во саботите и започнуваат во 12 часот. Македонската филхармонија ќе одржи Симфониски концерти за деца на следните датуми:

15.10.2016 - "Superheroes"

26.11.2016

24.12.2016

18.02.2017







Се повеќе деца на концертите на филхармонијата

Македонската филхармонија во саботата (октомври) го одржа првиот концерт од циклусот „Детски симфониски концерти“ во новата сезона. Под наслов „Магичен глас“, концертот донесе возбудлива музика, но и интересна приказна, која ги воведе најмладите во светот на фантазијата. Под диригентство на Ле Фи Фи, заедно со Македонската филхармонија настапи младата афирмирана оперска певица, сопранот Билјана Јосифов. Низ актерска игра, проследена со многу фантазија и хумор, најмладите имаа можност да се запознаат со магијата на гласот проткаен низ оркестарските звуци.

- Живееме во време кога културните вредности се изместени, па сакавме барем во однос на класичната музика, преку организација на вакви концерти, да влијаеме позитивно кај децата. По неколкугодишна организација на овие концерти, можам да кажам дека сум многу задоволна, зашто ја постигнавме целта. На секој концерт гледам задоволни родители, но уште поважно, насмеани, среќни деца. Овие концерти станаа редовна практика, луѓето се запознаени не само дека постојат туку и дека се добро конципирани. Децата ги сакаат, и публика има сѐ повеќе - вели Маја Чаначевиќ, директорка на Македонската филхармонија.

Според Чаначевиќ, направен е голем исчекор кога ќе се направи споредба со првите концерти и овие сега во контекст на однесувањето и познавањето на класичната музика кај најмладите.

- Децата веќе ги научија инструментите, знаат кој инструмент каков звук има, често ги споредуваат и со некои животни, така беше на пример во „Петре и волкот“, веќе знаат како звучи класичната музика, знаат кој е диригентот и која е неговата улога во оркестарот. Кога нашиот аниматор Мартин Јорданоски, кој веќе стана неизоставен дел од симфониските концерти за деца, ќе постави некое едукативно прашање, голем број деца одговараат сигурно, како од пушка, дури и се натпреваруваат кој прв да го даде одговорот и се создава весела атмосфера во концертната сала. И што е најважно, децата знаат, се разбира со малку помош и од родителите, дека на концертите на класична музика треба да бидат тивки, дека не треба да зборуваат гласно. Овие концерти се своевидно бонтон-училиште. Класичната музика влијае на нивното однесување, но и на нивното размислување, и тоа во иднина сигурна сум дека ќе има позитивни реперкусии - вели Чаначевиќ.

Од филхармонијата најавуваат дека во иднина, освен овие концерти, ќе се организираат и музички мини-работилници наменети за различни возрасти.

- Концертите, иако се интерактивни во смисла на едукација, тешко можат да ги усогласат потребите на сите деца. Затоа, сакаме да организираме музички работилници наменети за различна возраст. Размислуваме во иднина да се врземе со едукативните центри, со градинките и училиштата, за тие работилници да можат да влезат во рамките на образовните програми. Саботниот концерт ќе го изведеме и во другите градови во Македонија. Симфониските концерти за најмладите треба да бидат достапни за сите деца во земјава, не само за оние што живеат во Скопје. Во план засега се гостувања во Свети Николе и во Велес - вели директорката на филхармонијата.

(Текстот е преземен од „Нова Македонија)