Галерија Пријатели Контакт Годишна програма logoFacebook logoTwitter
назад кон претходна страна


Директор на Македонската Филхармонија


Драги Пријатели,

ДА, и вие нетрпеливо го исчекувате почетокот на нашата нова концертна сезона, очекувајќи да ги слушнете Великаните на класичната музика.

Оваа радост и големо очекување, заеднички, ја споделуваме и ние со вас, претставувајќи ви го најновото ”мени” подготвено само за вас.

Како и во сезоните минати зад нас, така и овој пат, каталогот во вашите раце, тоа сме повторно ние, вашата Македонска филхармонија, во своите 69 години музицирање, ентузијазам, славење на музиката и уметноста, светли неизбришливи белези.

2013/2014 ќе биде сезона исполнета со големи музички патувања низ столетијата и континентите. Доживувањата, впечатоците ќе ги раскажете вие. Ние, од нашето вообичаено место, на сцената, ќе музицираме заедно со најдобрите светски уметници, врвните мајстори: Алексеј Володин, Јоханес Мозер, Светлин Русев, Максим Рисанов, Александар Ситковетски, Емануел Сејсон, Андреј Коробејников, Алексеј Огринчук, Иља Гринголц, Филип Квинт и Давид Фре.

Со неизмерна радост ќе сме домаќини и на нашите, македонските врвни мајстори: Олег Кондратенко, Ирина Наумовска, Васко Дуковски, Панделина Атанасова, Марија Вршкова и Александар Краповски.

Низ различните приказни на концертите, оркестарот, но и вас, ќе нè водат диригентите Саша Николовски-Ѓумар, Емил Табаков, Владимир Куленовиќ, Борјан Цанев, Карлос Изкарај, Оливер Балабурски, Кристијан Лупес, Тимоти Редмонд и Кристјан Јарви.

Ќе прославиме јубилеи на големите македонски но и светски композитори, па така, веднаш на почетокот ќе се потсетиме на грандиозната композиција од Игор Стравински, “Посветување на пролетта”, која оваа година по повод својата 100-та година, се изведува на сите музички сцени на сите континенти на нашата планета.

Во оваа сезона, секој концерт има наслов, кој ја навестува големата приказна, патувањето на кое ќе ве поведеме... “Дуел”, “Патувања”, “Егзил во Америка”, “Ода на радоста”, “Огнена харфа”, “Пијанизам-хероизам”... веќе ви навестуваат, подгответе се.

Не ги заборавивме ниту изненадувањата, филмскиот концерт Вагнер, Balkan Fever на Скопскиот Џез Фестивал, Камане-Кралот на Фадото и секако, слаткиот љубовен концерт Амор ќе бидат дел од оваа наша приказна.

Во пресрет на големиот јубилеј во следната сезона, седум децении заеднички нешта, сеќавања, историја..., и во скорото наше конечно вдомување, немаме никакви двојби дека како и секогаш, ќе сме постојано заедно, споделувајќи ги нашата радост, возбуда при создавањето и вашата радост,возбуда при восприемањето.